Инструменти за кариерно советување во сајбер безбедност
Во процесот на кариерно советување, кариерните советници имаат клучна улога во препознавањето на интересите, потенцијалот и афинитетите на учениците, како и во нивното насочување кон соодветни образовни и професионални патеки, вклучително и кон новите и брзорастечки професии во областа на сајбер безбедноста.
Платформата Cyber-Ready.mk е развиена и како практична алатка за поддршка на кариерните советници и наставниците во овој процес. Таа обезбедува преглед на различни профили и професии во сајбер безбедноста, потребните вештини, можните образовни патеки и можностите за понатамошен развој.
Во таа насока, ги објавуваме развиените и пилотирани инструменти за кариерен развој, подготвени како практична поддршка за кариерните советници во средните училишта во нивната секојдневна работа со учениците. Инструментите се дизајнирани да помогнат во препознавање на интересите, потенцијалите и насоките за развој на учениците, со посебен фокус на профилирање за работни улоги во сајбер безбедноста.
Тие опфаќаат прашалници за интереси и професионални афинитети, тестови за вредности, способности, лични карактеристики и стилови на учење, како и вежби за саморефлексија, преку кои учениците можат подобро да согледаат што им оди најдобро, кои активности ги мотивираат и дали повеќе се препознаваат во решавање проблеми, анализа, истражување или работа со технологии.
Со примена на овие алатки, учениците полесно можат да се препознаат во одредени сајбер профили. На пример:
- интересот за аналитичка работа може да упатува кон улогата Cybersecurity Analyst,
- афинитетот кон истражување и решавање инциденти кон Digital Forensics,
- интересот за креативно тестирање на системи кон Ethical Hacker / Penetration Tester,
- а склоноста кон проценка и управување со ризици кон Cyber Risk Specialist.
Нивната примена овозможува понасочен, поструктуриран и поинформиран пристап во кариерното советување, со цел учениците полесно да ги согледаат можностите за образование, развој на вештини и идно професионално насочување во областа на сајбер безбедноста. Овие инструменти претставуваат важен чекор кон јакнење на капацитетите за кариерно советување и подобро поврзување на образованието со современите потреби на пазарот на труд.
Инструментите се креирани согласно BIPO методологијата и Holland RIASEC – Батерија инструменти за професионална ориентација е стандардизиран психолошки инструмент (сет тестови) кој се користи за:
- кариерно советување
- професионална ориентација кај ученици
- проценка на способности, интереси и лични карактеристики
Нашите инструменти се домен-специфични (cybersecurity) и поврзуваат интереси, вештини и мотивација директно со конкретни професии.
Инструменти (download)
- Евалуациски прашалник – модел
Моделот за евалуација претставува ориентациски инструмент наменет за систематизирано согледување на интересите, мотивацијата и потенцијалните насоки за кариерен развој на ученикот во областа на ИТ и сајбер безбедноста. Неговата примена има поддржувачка функција во процесот на кариерно советување и не служи како основа за конечна професионална селекција.
2. Алатка за автоматска пресметка на резултати од евалуациски прашалник
Алатката за автоматска пресметка е техничко-оперативен инструмент кој овозможува стандардизирана обработка, сумирање и пресметка на резултатите добиени од евалуацискиот прашалник. Нејзината цел е да обезбеди конзистентност во обработката на податоците, да ја намали можноста за технички грешки и да го олесни процесот на анализа.
3. Примери за интерпретација на резултат
Примерот за интерпретација на резултат претставува насочувачки документ кој овозможува методолошко разбирање и контекстуализација на добиените резултати. Тој служи како помошна рамка за кариерните советници при толкување на наодите и нивно поврзување со интересите, потенцијалите и можните развојни насоки на ученикот.
